Трамп ја одобри вонредната состојба во Вашингтон до 24 јануари

Од:

Американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, одобри прогласување вонредна состојба во главниот град Вашингтон, соопшти Белата куќа, откако американски безбедносни претставници предупредија на можни немири во пресрет на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Трамп со уредба го одобри продолжувањето на федералната поддршка на Вашингтон до 24 јануари, за да може да се одговори на вонредните ситуации.

На овој начин, Сојузната агенција за управување со вонредни состојби може да „идентификува, мобилизира и обезбеди опрема и ресурси потребни за справување со последиците од вонредната состојба“, се наведува во одлуката на Трамп.

Оваа одлука следи откако на 6 јануари приврзаниците на Трамп упаднаа во Конгресот на САД поради неговите лажни тврдења дека изборите му биле украдени. Во насилствата тој ден загинаа пет лица.

Федералното биро за истраги (ФБИ) вчера предупреди на можни вооружени протести во сите 50 држави и главниот град на САД за време на инаугурацијата на Бајден, што ќе се оддржи на 20 јануари.

Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Броузер, викендов преку писмо побара поголема безбедност за инаугурацијата поради „хаосот, повредите и смртта“ во Капитол на 6 јануари.

Броузер од Министерството за домашна безбедност побара да ја продолжи вонредната состојба во градот за да им овозможи на федералните и локалните агенции подобро да се подготват за инаугурацијата и од ФБИ побара дневни разузнавачки извештаи и извештаи за сите закани од 11 до 24 јануари.

Во меѓувреме, американските сенатори Крис Марфи, Кирстен Гилибранд и Мартин Хајнрих побараа целосна одговорност за она што се случи за време на немирите. Во нивното писмо се наведува дека „поминаа повеќе од четири и пол часа“ меѓу првото кршење на барикадите на западната страна на Капитол “до пристигнувањето на Националната гарда“.

„Ова е неприфатливо и бараме целосна одговорност“, напиша Марфи на Твитер.

Демократите бараат Трамп да биде отповикан затоа што ги повика своите приврзаници да го нападнат Конгресот.

Претставничкиот дом се очекува денеска да ги повика потпретседателот Мајк Пенс и членовите на канцеларијата на Трамп за да иницираат процес на отповикување, според 25-от амандман, со кој се овозможува смена на претседателот, доколку тој не е во можност да ги извршува своите должности.

Спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, вчера изјави дека претседателот претставува „директна закана“ за нацијата и „мора веднаш да биде сменет од функцијата“.

Би можело да ве интересира

Мет Гаец нема да биде државен обвинител на САД

Бајден наполни 82 години и стана најстариот актуелен претседател во историјата на САД

Трамп го номинираше Метју Витакер за американски амбасадор во НАТО

Трамп повторно повика на разговори за можноста САД да го купат Гренланд

Трајна неутралност на Украина, воени ограничувања за Киев, што бара Путин за да договри примирје со Трамп

ВИДЕО: Лос Анџелес станува „град засолниште“ за мигранти пред доаѓањето на Трамп

Катерина Ѓуровски