Републиканскиот кандидат Доналд Трамп денеска изјави дека „реториката“ на американскиот претседател Џозеф Бајден и потпретседателката Камала Харис предизвикува луѓето да пукаат во него.
Тој рече дека напаѓачот кој отвори оган во близина на поранешниот претседател во неделата реагираше на „многу запаливиот“ наратив на демократите.
„Тој (напаѓачот) веруваше во реториката на Бајден и Харис и дејствуваше според неа. Нивната реторика предизвикува пукање кон мене, кога јас сум тој што ќе ја спаси земјата, а тие се оние кои ја уништуваат однатре и однадвор“, изјави тој за Фокс њуз.
Трамп укажа на коментарите на Бајден и Харис во кои тие го претставуваат републиканецот како „закана за демократијата“, додека тие се претставуваат како „лидери на единството“.
Тој истакна дека верува оти Бајден и Харис ќе ја „уништат земјата“ и ги окарактеризира како „внатрешни непријатели“ и „закана“. Трамп, исто така, рече дека политиката на Бајден и Харис ја уништува земјата, „дозволувајќи им на милиони многу опасни мигранти да влезат и да ја уништат нашата земја и нашите градови“.
Американецот Рајан Весли Раут (58), кој беше уапсен во врска со безбедносниот инцидент на Флорида што ФБИ го истражува како обид за убиство на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, денеска пред федералниот суд беше обвинет за нелегално поседување огнено оружје и поседување огнено оружје со избришан сериски број.
Раут беше уапсен во неделата набргу откако побегна откако агентите на Тајната служба отворија оган врз него затоа што вперил полуавтоматска пушка кон голф-клубот на поранешниот претседател Доналд Трамп во Вест Палм Бич, Флорида, додека Трамп играл голф.
Републиканскиот претседателски кандидат е неповреден и безбеден, соопшти полицијата, а ФБИ го истражува инцидентот како обид за убиство.
Престрелката доаѓа околу два месеци откако Томас Метју Крукс се обиде да го убие Трамп на митинг во Батлер, Пенсилванија на 13 јули, кога Трамп се здоби со повреда на увото.