Чешкиот претседател Милош Земан денеска го именуваше социјалдемократот Томаш Петричек за нов министер за надворешни работи на Чешка.
Функцијата министер за надворешни работи од јуни привремено ја извршуваше лидерот на Чешката социјалдемократска партија (ЧССД), Јан Хамачек, откако шефот на државата одби на тоа место да го назначи европратеникот Мирослав Похе.
Земан го обвини Похе дека е „премногу благонаклонет“ кон приемот на мигранти на територијата на Чешка.
– Ако во чешката надворешна политика постои несогласување, никој нема да не сфаќа сериозно, изјави Земан за време на кратката церемонија во чешкото претседателство.
Тој притоа ја поздрави решеноста на новиот шеф на дипломатијата често да разговара со него за прашања од надворешната политика.
Опозицијата го критикуваше назначувањето на Петричек со образложение дека тој нема доволно политичко искуство.
– Со назначувањето на неискусен министер за надворешни работи, Социјалдемократската партија се откажува да раководи со чешката надворешна политика. Во пракса, министер за надворешни работи ќе продолжи да биде (премиерот) Андреј Бабиш, напиша на Твитер лидерот на десничарската партија ТОП 09, Јиржи Поспишил.