Претседателот на Венецуела Николас Мадуро изјави дека телото на поранешниот претседател Уго чавес веројатно нема да биде балсамирано, јави Би-Би-Си.
Во своите претходни изјави Мадуро ја отвори можноста телото на Чавес да биде сочувано и изложено, слично на телото на Ленин.
Тој изјави дека руските експерти сметаат дека тоа не е можно бидејќи телото на време не било адекватно подготвено, па сега постојат бројни компликации.
Во меѓувреме, жалоста во земјата е продолжена до петок. По смртта на Чавес владата одлучи жалоста да трае седум дена.
Генералното собрание на ОН денеска му оддаде почит на Чавес со минута молчење.
Мадуро, кој е во трката за претседател на земјата на изборите закажани за 14 април, ги коментираше шпекулациите за балсамирањето на телото на Чавес.
-Руски и германски експерти пристигнаа во Венецуела за да го балсамираат телото на Чавес, но наидоа на тешкотии бидејќи овој процес требаше да почне многу порано, па затоа заклучија дека сега тоа е невозможно да се направи. На половина сме од процесот и многу е комплицирано, изјави Мадуро.
Тој додаде дека е откриена завера за убиство на неговиот противкандидат Хенрике Каприлес и дека владата ја обезбедила неговата заштита.
-Планот е поврзан со Роџер Нориега и Ото Рајх од САД, рече Мадуро.