Репортерската екипа на британската телевизија ИТВ е протерана синоќа од Бахреин, иако имаше виза за влез во земјата и дозвола за работа.
Полицијата ја запрела телевизиската екипа во која бил репоретер, камерман и продуцент, како и двајца домашни помагачи, додека снимала прилог за протестите што опозициските шиити ги спроведуваат во земјата против оддржувањето на трката за Формула 1, закажана за овој викенд.
Во оваа мала островска земја во Перискиот залив, богата со нафта и гас, од 2004 година редовно се оддржуваат трки во Формула 1. Не се оддржаа само еднаш, пред две години,за време на таканаречената „арапска пролет“ кога за време на масовните протести на опозицијата, власта употреби сила. Во неколкудневните судирања имаше мртви и повредени, а опозициските хуманитарни организации тврдат дека нивните припадници били изложени на тортура и насилство за да им се изнуди признание.
Десетина илјади луѓе и синоќа демонстрираа против трката Формула 1 за која велат дека на власта и служи како начин за да се одврати вниманите на меѓународната јавност од ситуацијата во Бахреин.
Репортерската екипа на ИТВ била одведена на сослушување во една полициска станица, по што на тројцата Британци им е наредено веднаш да го напуштат Бахреин.
Дозволите за влез и работа на странските ТВ екипи и на новинарите, домашните власти им ги даваат за да известуваат за автомобилската трка. Во пракса трката на сите им служи само како покритие за правење политички репортажи и за да може да дојдат до лидерите на опозицијата.
Властите во Бахреин, сите протерувања ги оправдуваат со повреда и злоупотреба на влезната виза.