Татко на ученик од петто одделение во основно училиште е осуден на шест месеци строг затвор бидејќи ѝ се заканувал на наставничка дека ќе ѝ ја отсече главата, во инцидент што се случи во училиште во местото Фога, јужно од Тулуз. Според обвинителството, родителот на 4 септември ѝ се заканувал на наставничката поради казната што му ја изрекла на неговото дете, пренесува телевизијата БФМ.
Тој вчера бил изведен пред суд по итна постапка, а откако бил осуден на шест месеци строг затвор, веднаш бил спроведен во затворот во Сес.
Покрај тоа, во следните три години му е забрането да се приближува до училиштето и наставничката, а една година нема да смее да поседува или носи оружје. Со пресудата му е наложено и да посетува курс по граѓанско образование, како и на наставничката да ѝ исплати симболичен надомест од едно евро.
Републичката обвинителка побарала шестмесечна казна со електронска нараквица, како и забрана за контакт со жртвата и појавување пред училиштето во период од три години.
За време на сослушувањето, обвинетиот, роден во 1979 година во Тулуз, немал „зборови со кои би го објаснил“ своето однесување.
Градоначалникот на Фога, Жан-Мари Пијг, претходно изјавил дека ученикот бил недисциплиниран на часот, по што наставничката го испратила во друга паралелка за да се смири.
Таткото потоа, според градоначалникот, ја чекал наставничката на паркингот пред училиштето и ѝ се заканил, обвинувајќи ја дека „го тероризирала неговиот син“.
Тој веќе пет пати бил осудуван, главно за сообраќајни прекршоци, а вчера повеќепати рекол дека „искрено жали за ситуацијата“.
„Не сум некој што е навистина насилен, никогаш не сум се скарал со никого“, рекол тој пред судот.
Францускиот министер за образование Едуар Жефре оценил дека заканите кон наставничката биле „исклучително сериозни“ и изразил поддршка за наставничката, нејзините колеги, учениците и нивните семејства.
Против родителот веднаш била поднесена пријава, додека на наставничката ѝ била одобрена институционална правна заштита.
Жефре најавил и започнување постапка со која ученикот би можел да биде преместен во друго училиште, согласно новите мерки за заштита на просветните работници од закани и насилство од родители.
Наставниците во училиштето во понеделникот ја прекинале наставата, користејќи го правото да го напуштат работното место поради опасност, а просветната инспекција излегла на терен.
