Талибанците забранија авганистански државјани да одат на аеродромот во Кабул и повторија: Нема продолжување на рокот

Од:

Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид на денешната прес-конференција изјави дека „гужвите пред аеродромот во Кабул се проблем за нив“. Тој рече дека „поради хаотичната ситуација“, Талибанците повеќе не дозволуваат авганистански граѓани да одат на аеродромот во Кабул.

– Работиме за да помогнеме, но за жал, Американците се уште ја продолжуваат својата политика и се обидуваат да ги извлечат Авганистанците од земјата и да ги однесат во неизвесна иднина, рече Муџахид на денешната прес конференција.

Тој ги повика САД да не го „охрабруваат“ авганистанскиот народ, а особено луѓето со вештини и „образована елита“, да ја напуштат земјата. Исламистичката група посочи дека Американците земаат „авганистански експерти“, како што се инженери, од Авганистан. – Бараме од нив да го прекинат овој процес, рече Муџахид

Тој потенцираше дека Авганистанците повеќе не треба да доаѓаат на аеродромот и ги повика оние што се таму да се вратат во нивните домови. Портпаролот тврди дека нивната безбедност ќе биде загарантирана, пренесува Хина.

Муџахедините тврдат дека милитантите „немаат список на луѓе“ за кои планираат одмазда.

– Сè оставивме во минатото. Сакаме мир и стабилност во Авганистан и нашата земја да напредува, изјави портпаролот на талибанците. Тој воедно рече дека на жените нема трајно да им биде забрането да одат на работа.

– Во моментов, тоа е за нивна безбедност, со цел да се спречи злоупотреба, рече Муџахид, додавајќи дека жените засега треба „да станат дома“. Тој исто така тврди дека жените не биле отпуштени и дека ќе земаат плати.

Тој, исто така, рече дека со САД не е договорено продолжување на рокот до кој ќе биде дозволена евакуација на луѓето од Авганистан. Тој рок истекува на 31 август и нема да биде продолжен. – – Имаат авиони, го имаат аеродромот, треба да ги извлечат своите граѓани и изведувачи одовде, рече Муџахид.

Слична изјава денеска даде и другиот портпарол на талибанците Сухаил Шахен. Тој вели дека ќе има последици доколку западните земји го пречекорат рокот за повлекување.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека се надева дека ќе се држи до крајниот рок до 31 август, но се соочи со притисок од европските сојузници и Британија да го помести датумот. Според американската влада, околу 50.000 странци и Авганистанци ја напуштиле земјата преку аеродромот во Кабул, откако талибанците ја зазедоа земјата пред девет дена.

Многу Авганистанци стравуваат од повторување на бруталното толкување на шеријатскиот закон што талибанците го воведоа кога првпат ја преземаа власта во 1996-2001 година и од одмазда за соработување со САД во изминатите две децении.

Би можело да ве интересира

Авганистан: Талибанците со закон им забранија на жените да зборуваат јавно

Авганистанска брачна двојка си ја уби 15 годишната ќерка во Германија: Брутално претепана и удавена

УНИЦЕФ ги повика талибанците да дозволат девојчињата да се вратат на училиште

Во и поплавите во Авганистан загинаа најмалку 50 лица

Тројца шпански туристи загинаа во Авганистан

Горан Наумовски

Девет деца загинаа откако експлодираше нагазна мина во Авганистан