Талибанците се враќаат на старо – со Авганистан ќе владее врховен лидер и талибански совет

Од:

Додека од аеродромот во Кабул забрзано се изведува евакуацијата на луѓето кои сакаат да ја напуштат земјата: дипломатски персонал, странци, како и Авганистанци кои работеле за странските мисии и нивните семејства, новата талибанска власт веќе ги најавува своите првични чекори за новото уредување на земјата. Најавите од изминатиот викенд дека во иднина Авганистан ќе биде исламски емират, од вчера полека ги добива своите контури, откако талибанците излегоа со ставот дека со земјата ќе управува Совет со кој ќе раководи лидерот на исламистичкото движење, Хаибатулах Ахунџада, како врховен водач, што ќе биде уредување многу слично на тоа кое управуваше во годините на теророт, од 1996 до 2001 година.

Во тој период со Авганистан владееше врховниот лидер Мула Омар, а тековните проблеми ги решаваше талибански совет. Ова е во спротивност со барањата на Советот за безбедност на ОН и западните демократии „ новата авганистанска влада да биде обединета, инклузивна и репрезентативна“. Тоа е во спротивност и со заложбите што во својот прв официјален настап вчера ги искажа и портпаролот на движењето Забихула Мухаџид, кој вети целосна амнестија за сите Авганистанци, и поголеми слободи за жените и за медиумите во земјата, согласно, како што кажа „шеријатското право“ .

Но, од овие ветувања остана многу малку. На неколку места вчера беа регистрирани вооружени инциденти. Најсериозниот бил во Џалалабад, каде стотици Авганистанци се обиделе да го вратат државното знаме на јарболите, откако талибанците го поставиле своето, поради што врз нив било пукано, а информациите говорат дека имало и загинати. Напади врз жени имало на повеќе места, јавуваат западните медиуми, а талибанците пукале и во близина на аеродромот во Кабул, каде веќе три дена илјадници Авганистнаци чекаат воздушен транспорт за да ја напуштат земјата.

Како обид да се прикажат во поинаква слика од доминантно прифатената за нив во целиот демократски свет, и да покажат дека прават консултации за идното државно уредување, талибанците вчера оствариле средба и со поранешниот авганистански претседател Хамид Карзаи, првиот претседател по нивното соборување од власта во 2001 година. Деталите од разговорот се уште не се достапни за јавноста.

Воедно, наведуваат западните агенции, имало обиди талибанците на своја страна да ги придобијат поранешните припадници на авганистанската армија и посебно пилотите, иако, оваа нивна намера тешко дека ќе се спроведе затоа што во изминатите 20 години токму тие убија илјадници војници и пилоти обучувани од САД.

– Врховниот лидер на движењето Ахунџада најверојатно ќе има поголема важност од водачот на советот кој ќе биде еквивалент на претседателот на земјата, изјави Вахидула Хашими, еден од неколкумината лидери на движењето.

Врховниот водач на талибанците ќе има тројца заменици – Мавлави Јагуб, син на Мула Омар, Сираџудин Хакани, кој е водач на моќната воена мрежа Хакани, и Абдул Гани Барадари, шеф на политичката канцеларија на талибанците во Доха. Барадари е еден од основачите на талибанците.

Хашими објаснува дека многу прашања поврзани со политичкиот систем во земјата се уште не се решени, но се знае дека Авганистан под талибанците нема да биде демократија.

– Воопшто нема да има демократски систем, бидејќи тој нема никаква база во нашата земја. Нема да разговараме за тоа каков тип на политички систем треба да воведеме во Авганистан, бидејќи е очевидно. Тоа е шеријатски закон и тоа е тоа, додаде тој.

Втората битна тема во Авганистан, ако не и најважната за Западот, е евакуацијата на луѓето кои сакаат да си заминат од земјата. А тука, пред се, на аеродромот во Кабул, владее хаос. САД постојано го зголемува својот контингент војници за обезбедување и организација на евакуацијата, а проблемите остануваат затоа што станува збор за огромен број лица, кои се околу и во самиот аеродром.

Американските сили вчера на неколку пати употребија огнено оружје за да го стават под контрола неконтролираното однесување на толпата.

Британските медиуми наведуваат дека претставникот на Пентагон, Џон Кирби, потврди дека во пукањето нема загинати или повредени, како и дека американските војници не пукале ниту на Авганистанците, ниту на било кој друг. Тој потврди дека бројот на американски војници на аеродромот во Кабул вчера достигна 4.500, како и дека во следните 24 часа се очекува да пристигнат уште неколку стотици припадници на американските вооружени сили.

Талибанските власти одделно потврдија дека нивните команданти и војници пукале во воздух за да ја растераат хаотичната толпа на аеродромот во Кабул.

-Немаме намера да повредиме никого, изјави талибански претставник за британските медиуми, потврдувајќи дека хаосот продолжува и надвор од аеродромот, обвинувајќи ги западните сили за „хаотичното спроведување на евакуацијата“ од Авганистан.

Третата тема поврзана со молскавичните случувања во Авганистан е одговорноста за тоа што се случи. Британските парламентарци вчера вината за „моралниот крах на одговорноста“ ја лоцираа кај американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Борис Џонсон. Бајден, патем, во изминатите неколку дена, токму заради случувањата во Авганистан, (покрај своето јавно појаснување на причините за повлекувањето на американските војници од оваа земја) има стрмоглав пад на популарноста кај Американците од неговото стапување на должноста во јануари годинава.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, за петок го закажа вонредниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите -членки на Алијансата во врска со развојот на ситуацијата во Авганистан. Тој на Твитер напиша дека ќе претседава со состанокот на кој ќе бара „да продолжи тесната координација“ на 30-те земји членки на НАТО и „да се разговара за заеднички пристап кон авганистанското прашање“.

Би можело да ве интересира

Авганистан: Талибанците со закон им забранија на жените да зборуваат јавно

Авганистанска брачна двојка си ја уби 15 годишната ќерка во Германија: Брутално претепана и удавена

УНИЦЕФ ги повика талибанците да дозволат девојчињата да се вратат на училиште

Во и поплавите во Авганистан загинаа најмалку 50 лица

Тројца шпански туристи загинаа во Авганистан

Горан Наумовски

Девет деца загинаа откако експлодираше нагазна мина во Авганистан