Талибанските милитанти освоија уште два окружни центри во Авганистан, потврдија денеска официјални лица, пренесе ДПА.
Во западната провинција Гор, по судирите со владините сили, милитантите ја презедоа контролата врз областа Толак, потврдија тројца пратеници што ја претставуваат покраината во парламентот.
-Над десетина припадници на провладините сили се убиени во текот на ноќешните судири, додека неколку други се ранети, за ДПА изјави пратеникот Керамудин Резазада.
Обласниот гувернер, заедно со неговиот персонал, утринава им се предал на милитантите, потврди Резазада.
До локалните власти во покраината не може да се дојде бидејќи телекомуникациските врски се во прекин поради закани од милитантите.
Во северната провинција Балк, пак, талибанците ја презедоа контролата врз областа Зара, откако владините сили беа принудени да го евакуираат обласниот центар, соопштија двајца локални официјални лица.
Провинцискиот советник Афзал Хадид изјави дека бунтовниците го блокирале снабдувањето со вода на безбедносните сили и дека тие биле под опсада подолго време, додаде ДПА.
-Безбедносните сили го евакуираа округот без жртви, со помош на воздушните сили, додаде Хадид.
Меѓутоа, портпаролот на 209-от воен корпус на северот на земјата изјави дека владините сили денеска се преместени во село во истата област согласно одлука на Воениот совет на покраината.
Милитантите од неодамна забележуваат серија напредувања низ земјата. Од почетокот на официјалното повлекување на САД и другите трупи на НАТО во Авганистан, на 1 мај, најмалку 17 области паднаа во рацете на талибанците.
Авганистан има 34 провинции и околу 400 области.