Четири дена по несреќата на езерото Маџоре во италијанската област Ломбардија, во која загинаа четири лица, објавени се информации за лицата кои се наоѓале на чамецот. Според италијанските медиуми, сите луѓе на бродот биле тајни агенти – дел од израелскиот Мосад, а дел од италијанската тајна служба Аиса.
Според пишувањата на медиумите, на езерото се сретнале дваесетина тајни агенти, а оваа информација немаше да и стане позната на јавноста доколку не се случеше несреќата.
Според она што е досега познато, на бродот требало да има 15 лица, а не 23 што биле таму.
Во неделата, на 28 мај, агентите се качиле на брод со словенечки регистарски таблички и заедно со капетанот Клаудио Карминати, кој моментално е под истрага, отишле на островот Рибар, најмалиот од трите познати острови Боромео.
Агентите биле облечени лежерно, во облека која би одговарала со патување до езерото и би можела да послужи како камуфлажа за да изгледаат како туристи.
Несреќата се случила околу 19:20 часот кога бродот се превртел поради многу лоши временски услови на околу 100 метри од брегот. Во несреќата загинаа четири лица: сопругата на капитенот, која е Русинка, двајца италијански тајни агенти и еден агент на Мосад.
Италијанските медиуми шпекулираат за причините за собирањето на толку тајни агенти на езерото Маџоре. Се шпекулира дека агентите следеле конкретно лице или се занимавале со шпионажа. Прашањето е дали Израел можел да има интерес да го следи договорот меѓу италијанските и иранските компании за производство на делови за воени дронови. Според некои извештаи, тие наводно славеле роденден на агент.
По несреќата, тајните агенти активирале операција за повлекување на персоналот, обидувајќи се да спречат идентификација и истекување на информации. Преживеаните биле испрашувани само за несреќата, но не и за целта на нивниот престој во езерото.
Агентите на Мосад брзо се вратиле во Израел со специјален приватен авион испратен директно од Израел, додека италијанските агенти веднаш го напуштија местото на несреќата.
Засега не е извршена обдукција на жртвите. Полицијата ја истражува несреќата, но се уште не се познати деталите за активностите на агентите на езерото.