Тајландскиот преоден премиер Прајут Кан-ока, кој како генерал и командант на тајландската армија беше на чело на воениот удар изведен на 22 мај годинава, ги прифатил критиките од медиумите и експертите во врска со неговото однесување во јавните настапи.
Сега пензионираниот генерал со помош на експерти од повеќе области ќе се обиде да заборави дека бил армиски авторитет и колку што може повеќе да се наметне како цивилен шеф на Тајланд.
За сегашниот шеф на преодната влада на Тајланд низа примедби за неговото однесување има во медиумите, но и во дипломатските кругови. По воениот удар САД, државите од Европската Унија и неколку земји од Азија ја условија натамошната политичка, економска и воена соработка со Тајланд со враќање на демократијата, што значи и одржување на општи избори.
Јавна тајна е дека Прајут Кан-ока не бил сосема на ниво кога на амбасадорите во неговата држава им објаснувал какви се плановите на неговиот тим во периодот на преодната управа во земјата до октомври идната година, кога треба да биде прогласен новиот устав на Тајланд, а веднаш потоа да се одржат и општи избори.
Експертите му препорачале на генералот Прајут да постави портпарол кој не ќе потекнува од армиските редови. На јавноста и на претставниците во Тајланд, сметаат експертите, веќе им е здодеано редовното појавување на сегашниот премиер во ТВ емисијата под наслов „Враќањето на среќата на народот во државата’’. која секој петок се емитува на националната телевизија, а обврска да ја пренесуваат имаат сите кабелски и сателитски оператори.