Тајландската полиција денеска соопшти дека Јусуфу Миераили, уапсен пред една недела, не е првиот осомничен за поставување на бомбата во храмот во Бангкок во кој загинаа 20, а беа повредени над 100 луѓе.
Уапсениот е член на групата која го подготвувала експлозивот. Припадноста во терористичката група кај ова лице, кое има кинески пасош, е утврдена со споредување на неговиот ДНК тест со трагите најдени во станот каде што е правен експлозивот.
Портпаролот на тајландската полиција, генерал Правут денеска изјави дека со помош на Интерпол максимално е стегнат обрачот околу човекот во жолта маица кого камерите го регистрирале како со торба со екплозив влегува во храмот Ераван. Негови ДНК траги останале на возилото со кое дошол и банкнотата со која го платил превозот, а идентични форензички траги имало и во станот во кој се подготвувал експлозивот.
Полицијата во Тајланд се уште не сака официјално да потврди дека трагите кон терористите водат кон припадници на муслиманското племе Уигур, кои во Кина се борат за создавање своја држава. На дел од околу 500 бегалци од племето Уигру, Тајланд годинава им дозволи да заминат во Турција, но по острата реакција од Пекинг 107 лица од групата беа депортирани во Кина.
Уште во првите денови по експлозијата медиумите во Тајланд, но и полицијата, навестува дека подметнувањето на експлозивот во Бангкок е чин на освета на сепаратистите од Уигур племето.
Турската абасада во Бангкок во последниве неколку дена, во повеќе соопштенија, наведува дека меѓу деветмината осомничени нема ниту еден граѓанин на Турција. Некои од осомничените имаат турски пасоши, но Амбасадата и официјална Анкара тврдат дека тоа биле фалсификувани патни исправи.