Тајландските власти денеска ја забранија средбата на која претставниците на германската фондација „Фридрих Еберт“ и уредници од електронските и пишаните медиуми требало да дискутираат за степенот на слободата за јавно изразување во Тајланд.
Заострувањето на мерките за цензура и контрола на јавното мислење во Тајланд е една од мерките што ја презема воената управа на државата од како, според мислење на властите, во тајландските медиуми им била дадена голема популарност на изјавите на двајца министри од владата на сменетата премиерка Јинглук Шинаватра.
Во мерките за ограничување на слободите за изразување на мислењето е и новиот закон кој овозможува властите без судски налог да ги контролираат и санкционираат комуникациите преку интернет, телефонските разговори и поштенските пратки.
Законот идната недела ќе треба да го усвои преодното Национално законодавно собрание, тело именувано од хунтата која изврши државен преврат во мај минатата година.