Армијата на Тајланд соопшти дека во земјата воведува воена управа со примена на военото законодавство, оправдувајќи ја оваа одлука со намерата да се заштити правниот поредок во земјата, која веќе шест месеци е западната во длабока политичка криза.
Со ваквото решение, кое аналитичарите го оценуваат како изненадувачко, војската доби мошне широки овластувања за спроведување на управата и за употреба на военото право, но во армиското соопштение се вели дека не станува збор за воен удар, туку за „висок степен на одговорност за безбедноста на државата“.
Претставник на Владата изјави дека привремениот премиер и министрите, не биле претходно консултирани за решението на армискиот врв.
– Се изгледа најнормално, освен што сега војската е одговорна за сите безбедносни прашања на државата, изјави овој владин претставник.
Портпаролот на армиската команда објасни дека воведувањето на воената управа, нема да влијае врз работата на актуелната Влада, за која рече дека останува да функционира.
– Оваа мерка е воведена за да се спречат болните планови на некои групи да употребат оружје, рече портпаролот на војската.
Од ноември минатата година тајландската опозиција одржува антивладини митинзи со блокади на улиците на Бангкок и на дел од владините институции. На неколкупати тие се судрија со приврзаниците на премиерка Јинглук Шинаватра, при што имаше и загинати.
Шинаватра беше сменета од функцијата со одлука на Врховниот суд, кој ја обвини за „злоупотреба на службената положба“. Подоцна таа беше осомничена и за „корупција“ при доделувањето на владините субвенци производителите на ориз.
Засега не се знае како ќе реагира војската на владината намера повторените парламентарни избори во земјата да се одржат во втората половина од јули, откако претходните во февруари годинава пропаднаа поради блокадите на изборниот процес од страна на опозцијата во јужните делови на Тајланд, каде таа има голем број свои традиционални гласачи.
Последен пат, тајландската армија интервенираше во 2006 година, кога го смени од функцијата тогашниот премиер Таксин Шинаватра. Од 1932 година, кога е укината апсолутната монархија, во земјата се изведени 11 воени удари.
Сегашната интервенција на војската се оправдува со еден стар закон од пред сто години, кој дозволува мешање на армијата во случај на криза. Одлуката за воена управа ја потпишал началникот на Генералштабот на армијата, генерал Прајут Чанока.