Командантот на тајландските вооружени сили, генерал Прајут Чан-оча во директно обраќање на државната телевизија соопшти дека армијата извршила преврат и ја презела власта со цел да воспостави ред во земјата и да ги спроведе реформите.
Ваквата најава на генералот дојде непосредно по оддржувањето на последната средба во Бангкок меѓу главните актери во тајландската политичка криза.
Прајут Чан-оча уверува дека превратот нема да влијае врз меѓународната позиција и односи на Тајланд.
– За земјата да се врати на нормалното, вооружените сили од 22 мај во 16:30 часот (9:30 часот по Гринич) ја презедоа власта во земјата, рече генералот.
Тајландската армија, освен тоа, ги задржала учесниците во преговорите за изнаоѓање излез од политичката криза, посочува ИТАР-ТАСС.
Преговорите беа организирани од тајландската армија, која до неодамна тврдеше дека ќе биде само посредник во нив.