Воената влада на Тајланд, воспоставена по државниот удар во мај годинава, се почесто навестува дека наместо есента идната година општите избори ќе ги организира најрано во пролетта 2016 година. Според тајландските генерали, кои сега заземаат министерски места во преодната влада, потребно е повеќе време за остварување на предвидените реформи што треба да донесат стабилност во државата која последната деценија била нарушена поради нетолеранција меѓу политичките ривали.
Државниот удар во Тајланд не го одобруваат САД, Австралија и повеќето европски држави, кои воведоа ембарго на воената и голем број ограничувања на економската соработка. Високи претставници на Стејт департментот неделава имаа повеќе средби со потпретседателот и министрите во тајландската влада и ја искажаа својата загриженост поради најавеното одлагање на враќањето на демократијата во државата што до воениот удар ја сметаа и промовираа за најдобриот партнер во југоисточна Азија.
Амерканските власти биле посебно загрижени поради информациите според кои и по одржувањето на изборите хунтата нема да го распушти Националниот совет за ред и мир кој сега има формална улога да донесе нов устав. Иако министерот за внатрешни работи Паочинда пред состанокот со американските дипломати изјави дека не чул за размислувањата Националниот совет за ред и мир да остане како тело кое ќе го контролира спроведувањето на новиот устав, аналитичарите потсетуваат на неколку индиректни најави за потврда на оваа идеја што ги дава шефот на хунтата, генералот Прајут Кан-ока.
Денешниот, водечки тајландски весник „Национал“ пренесува изјава на „анонимен западен дипломат“ кој смета дека генералот Прајут не ќе може да најде оправдување за подолго останување на власт и дека не е мудро ни добро Тајланд да биде под воена управа две или три години.