Тајландската државна Агенција за борба против производството и трговијата со наркотици објави дека во таа држава ќе се менуваат и усогласуваат законите според кои се казнуваат обвинетите учесници во нарко-бизнисот. Според сегашните закони со затворска казна меѓу 10 и 20 години се казнуваат лица фатени со големо количество дрога, но и оние што полицијата ги уапсила за поседување на 20 до 50 забранети таблети.
Денешниот бангкошки „Национ“ пишува дека еден од поводите за менувањето на сегашните закони е и фактот дека тајландските затвори се преполни со осуденици казнети за учество во бизнисот со дрога.
Тајланд е еден од главните канали за дистрибуција и транспорт на хероин и синтетички наркотици. Главниот проблем, уништувањето на лабораториите за наркотици што се наоѓаат во т.н. „Златен триаголник“, на тромеѓето меѓу Тајланд, Лаос и Мјанмар, тешко се решава. Лабораториите за преработка на опиум и се побројните капацитети за производство на синтетичка дрога во тој регион тешко се лоцираат, а најчесто се испразнуваат пред во нив да дојде полицијата.