СВЕТОТ ВО 2019: Крвави двомесечни протести во Ирак, премиерот поднесе оставка, нема „магично решение“ за проблемите во земјата

Од:

Повеќе од 460 луѓе загинаа, а околу 19.000 се повредени во антивладините протести во Ирак во изминатите два месеца.

Илјадници Ирачани демонстрираа на плоштадот Тахрир во Багдад, но и во Ал-Хили, Амару, Диванија, Куту и Наџаф.

Демонстрантите бараат промена во политичкиот систем и крај на корупцијата во една од најбогатите земји со нафта во светот.

Според западни медиуми, врз основа на медицински и полициски податоци, таму се убиени околу 450 луѓе, повеќето од нив демонстранти.

Протестите почнаа на 1 октомври, поради невработеност, тешка економска состојба и недостиг на основни услуги како што се електрична енергија и вода, и оттогаш не престанаа.

Многу демонстранти извикуваа „пад на режимот“, слоган користен во 2011 година за време на Арапската пролет и повикуваа на избор на нови власти во Ирак.

Веќе вториот ден од протестите портпаролот на Министерството за внатрешни работи изјави дека едно дете е убиено кога демонстрант во југоисточниот дел на Багдад фрлил молотов коктел кон возило во кое имало цивили.

Карикатуристот Хусеин Адел Мадани беше убиен со неговата сопруга Сара Мадани кога маскирани луѓе влегле во нивниот дом и ги застрелале. Познатиот активист учествуваше во протестите во Басра.

Полицијата и војската отворија оган и употребија солзавец за да растераат стотици демонстранти низ Багдад, кои палеа гуми на централниот багдадски плоштад.

Во меѓувреме, протестите ширум Ирак продолжија и покрај воведениот полициски час.

„На сите возила и лица целосно им е забрането движење од четврток во пет часот до понатамошно известување“, беше наведено во соопштението на ирачкиот премиер Адел Абдул Махди, на третиот ден од протестите.

Полицискиот час не важеше за оние кои патуваат кон или од аеродромот во Багдад, амбулантни возила, владини службеници во болници и служби за дистрибуција на електрична енергија и вода, како и аџии.

Претходно, полициски час беше прогласен во три јужни градови Насирија, Амара и Хила.

Премиерот Абдул Махди во телевизиско обраќање рече дека не постои „магично решение“ за проблемите во Ирак, но вети дека ќе работи на закони кои на сиромашните ќе им овозможат основна заработка и оти ќе се бори против корупцијата.

Тој ги бранеше безбедносните сили истакнувајќи дека тие почитуваат строги правила во борбата против „прекумерно насилство“.

Поради немирите, граничниот премин помеѓу Ирак и Иран, преку кој требаше да поминат стотици илјади шиитски верници на годишниот аџилак, беше затворен, но со најава дека пред аџилакот ќе биде отворен друг премин во јужниот ирачки град Кербала.

Обединетите нации наведуваа дека во текот на интервенциите на ирачките сили за безбедност во протестите е регистриран забележителен раст на бројката на прекршувања на човековите права.

Вториот бран протести почна на 25 октомври, а од ОН наведоа дека во тој период е забележан значителен број прекршувања на човековите права во текот на интервенциите на протестите.

Во извештајот на ОН, под назив „Ирачки протести од 25 октомври до 4 ноември“ се наведува дека во вториот бран протести, што почнаа во Багдад, како и во централните и јужните делови на земјата, животот го загубиле најмалку 97 демонстранти, но и дека илјадници други се повредени.

Најмалку 16 лица го загубиле животот на протестите од солзавец, што врз демонстрантите го фрлиле силите за безбедност.

„Не постои никакво оправдување за тоа што силите за безбедност користат солзавец против невооружени демонстранти“, се наведува во извештајот на шефицата на бирото на ОН за заштита на човекови права, Даниела Бел.

Протестите продолжија и кога властите беа под зголемен притисок на ОН за започнување на реформите.

Од 1 октомври до средината на ноември, според официјални податоци, беа убиени повеќе од 300 луѓе, главно демонстранти.

По овие смртни случаи, со зголемена репресија и бројни апсења и заплашувања, се чинеше дека протестите ќе запрат. Но, плоштадот Тахрир во Багдад повторно беше полн, особено по повикот за штрајк на наставниците.

Околу илјада студенти поставија камп, откако полицијата една недела претходно ги запали нивните шатори.

Во Басра, голем нафтен град на брегот, се одржаа собири по неколкудневно насилство и десетици уапсени.

Во Насирија и Диванија, на југот на земјата, училиштата беа затворени.

На 17 ноември, антивладините демонстранти во Ирак ја зазедоа контролата врз третиот стратешки мост во Багдад, додека блокираа патишта во делови од централен и јужен Ирак по повикот за генерален штрајк.

Демонстрантите ја презедоа контролата над половина од мостот Ахар преку реката Тигар, во близина на воспоставената „Зелена зона“, дом на ирачката влада. Безбедносните сили се распоредија од другата страна на мостот и подигнаа бетонски бариери за да ги спречат демонстрантите да влезат во областа.

Ирачката војска соопшти дека формира воени „кризни единици“, кои имаат задача да воспостават „безбедност и да го одржуваат редот“.

„По наредбата на врховниот командант на вооружените сили, премиерот Адел Абдул Махди, одредени воени команданти се назначени во овие единици за да ги насочуваат и контролираат сите безбедносни и воени сили и да им помагаат на гувернерите во нивната мисија“, беше наведено во соопштението од Војската.

Во меѓувреме, во градот Наџаф беше воведен полициски час откако демонстрантите го запалија конзулатот на Иран.

Багдад и поголемиот дел од јужен Ирак, каде живее претежно шиитско население, повеќе од два месеца беа зафатени од масовни протести. Демонстрантите ја обвинуваа Владата за корупција, незадоволни од лошите услуги на јавните служби и големата стапка на невработеност, како и на иранското влијание во уредувањето на Ирак.

Ирачкиот премиер Адел Абдул Махди на 29 ноември беше принуден да поднесе оставка поради смртоносните антивладини протести.

Тој ја најави оставката откако шиитското свештенство побара промена на лидерството во државата.

Багдад испрати војници да го вратат редот во јужниот дел на Ирак, каде протестите станаа многу насилни.

На почетокот на декември, Високиот судски совет на Ирак соопшти дека се ослободени 2.626 демонстранти приведени за време на протестите во земјата.

Во ова соопштение се нагласува дека делегација при овој Совет го следи досието на демонстрантите и дека во тек се истрагите против 181 лице против кои постојат различни обвиненија.

Според соопштението на Високиот независен комесаријат за човекови права на Ирак објавено на 4 декември, во демонстрациите кои започнаа на 1 октомври во оваа земја, со цел протестирање против невработеноста, корупцијата и недоволните јавни услуги, загинаа најмалку 460 лица, додека 19.000 лица се повредени.

Ирачкиот Парламент на 24 декември го одобри новиот закон за избори, што беше клучно барање на демонстрантите со цел изборите да бидат поправични.

Сепак, политичката блокада во земјата сè уште спречува да се реши прашањето за избор на привремен премиер, поради што на Ирак му се закануваат нови немири.

Би можело да ве интересира

Нападната е американска воена база во Ирак

Најмалку пет ракети истрелани од Ирак кон американската воена база во Сирија

ВИДЕО: Воздушен напад во Ирак, експлозии во база на проиранската милиција

Катерина Ѓуровски

Први видеа од иранскиот напад на Израел – небото над Блискиот исток празно

Анита Петровска Рајковиќ

Ирачкиот премиер прогласи тридневна жалост за жртвите од американските воздушни напади

(ВИДЕО) САД извршија одмазднички напади во Ирак и Сирија