Низ цел свет, најмногу во земјите во развој, е поздравен изборот на првиот папа од американскиот континент, Аргентинецот Хорхе Бергољо, кој го избра името папа Франциск, соопштија француските медиуми.
Претседателот на САД Барак Обама на новозибраниот папа му упати срдечни честитки и изјави дека изборот на аргентинскиот кардинал Хорхе Бергољо за поглавар на Римокатоличката црква зборува за важноста на се позначајната Латинска Америка.
Обама новиот папа го нарече „заштитник на сиромашните и најранливите меѓу нас“ и изрази увереност дека тој ќе продолжи да ја носи пораката на љубовта и сострадањето, кои се извор на вдахновението во светот повеќе од 2000 години.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, изрази желба новиот папа да го продолжи дијалогот меѓу религиите, слично на неговиот претходник Бенедикт Шеснаесетти.
-Ние имаме многу заеднички цели, меѓу кои се поттикнувањето на мирот, социјалната правда, правата на човекот, искоренувањето на сиромаштијата и гладта, се посочува во изјавата на Бан Ки-мун.
Претседателката на Аргентина, Кристина Фернандес де Кирхнер, испрати писмена порака со својот сонародник, во кое му посака „плодотворна пасторска дејност“, која му претстои да ја извршува „во име на правдата, еднаквоста, братството и мирот низ целиот свет“, соопштија руските медиуми.
Претседателката на Бразил, Дилма Русеф, истакна дека верниците со нетрпение го очекуваат папата во Рио де Жанеиро за Светските денови на католичката младина во јули.
Европската унија на папата Франциск му посака долг и благословен понтификат, за да може да ги заштитува и шири основните вредности на мирот, солидарноста и човековото достоинство.
Лидерот на Англиканската црква, архиепископот на Кентербери, Џастин Велби, на папата Франциск му ги упати „сите благословии, за да се справи со огромната одговорност, со која се натовари доаѓајќи на чело на Римокатоличката црква“.
Францускиот претседател Франсоа Оланд увери дека „Франција, верна на историјата и на универзалните принципи за слобода, еднаквост и братство, ќе го продолжи дијалогот на доверба, што секогаш го имала со Светиот престол“.
Папата Франциск е роден на „континентот на надежта“, изјавија бразилските епископи, според кои, неговиот избор „вдахнува нов живот“ на католичката црква.
Австралискиот премиер, Џулија Гилард, која е атеистка, го поздрави „историскиот“ избор на папа од „Новиот свет“.
Германската канцеларка Ангела Меркел,ќерка на протестантски пастор, изјави дека „многумина очекуваат од папата да им даде правец, не само во прашањата поврзани со верата, туку и за оние поврзани со мирот, правдата и заштитата на мирот“.
Италијанскиот претседател Џорџо Наполитано, кој беше близок пријател со претходникот на Бергољо, изјави дека бил вџашен од „едноставноста“ на папата во неговото прво јавно обраќање.
Премиерот на заминување, Марио Монти, од своја страна го истакна италијанското потекло на новиот папа, пренесе ДПА.
Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, го покани папата Франциск да го посети Витлеем, родното место на Исус Христос.
Премиерот на Канада, Стивен Харпер, изрази увереност дека новоизбраниот папа ќе одигра исклучително важна улога за надминување на предизвиците со кои се судира Римокатоличката црква во 21-от век, пренесоа руските медиуми.
Руската православна црква изрази надеж за развој на православно-католичките односи со изборот на новиот папа, како што се случи и со неговиот претходник Бенедикт Шесаесетти.
Претседателот на Светскиот еврејски конгрес, Роналд Лаудер, го поздрави кардинал Бергољо за неговиот избор на чело на Римокатоличката црква и новиот папа го пофали како „човек со искуство, способен да гради мостови меѓу религиите“, пренесоа британските меидуми.
-Ние со нетрпение очекуваме да ги продолжиме тесните врски, утврдени меѓу Католичката црква и евреите во последните две децении, изјави Лаудер.
Аргентинскиот фудбалски клуб „Сан Лоренцо“, на кого Хорхе Бергољо е навивач, исто така, се приклучи кон концертот од пофалби, пренесоа француските медиуми.
-Тоа е огромно чувство на гордост за нашиот клуб, изјави на својот интернет сајт аргентинскиот прволигашки фудбалски клуб.