Воениот судир меѓу левичарската организација Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК) и колумбиските владини сили е пред својот крај, изјави во Хавана главниот преговарач на бунтовниците, Иван Маркез.
Во ноември минатата година актуеланата колумбиска Влада и бунтовниците од ФАРК во Хавана почнаа директни преговори за ставање крај на воениот конфликт во Колумбија, кој трае 50 години.
Во интервју за една колумбиска телевизиска станица, Маркез ги повика сите левичарски огранизации и партии, како и синдикатите во земјата, да се приклучат кон сегашните напори за постигнување траен мир во Колумбија.
Тој вели договорот би можел да биде постигнат во следните 3,5 месеци, но нагласува дека не треба да се инсистира на постигнување брзо решение.
– Еден лош мировен договор е полошо решение дури и од војната, смета Маркез.
Во текот на деветмесечните преговори во главниот град на Куба, веќе е постигната согласност за спроведувањето аграрна реформа, а остануваат да се завршат уште пет други поглавја, како разоружувањето на бунтовниците, нивното вклучување во политичкиот живот, правата на жртвите од конфликтот, забрана на дрогата и примената на спогодбата.
Во Богота сепак постои воздржаност околу оптимизмот на главниот преговарач на ФАРК, затоа што сите работи се уште не се завршени, како и затоа што вакви оптимистички најави имаше и порано, па воените судири продолжуваа.