Судан прогласи вонредна состојба во западниот дел на Северен Дарфур, кој е погодена од конфликти, по насилствата и протестите во два града од оваа област, објави државната новинска агенција СУНА.
Африканската унија и мисијата на Обединетите нации во Дарфур (УНАМИД) соопштија дека испратиле тим во Кутум, Северен Дарфур, откако неидентификувани демонстранти запалија полициска станица и автомобили во градот, но не се откриени дополнителни детали.
Според соопштението на властите, насилството изби во градот Кутум пред два дена, кога владин конвој бил нападнат по средбата што се одржа меѓу претставниците на безбедносните сили и демонстрантите со цел да се преговара за нивните барања.
Мохамед Ибрахим Абдел-Карим, вршител на должноста гувернер на Северен Дарфур, рече дека демонстрантите запалиле полициска станица, како и неколку автомобили, вклучувајќи ги и оние од владиниот конвој.
Демонстрантите во Кутум, од кои повеќето се внатрешно раселени лица и бегалци, започнаа протести пред околу една недела пред зградите на владините институции, барајќи поголема безбедност и крај на нападите на вооружените групи поддржани од Владата. Протести во присуство на вооружената армија беа организирани и во други делови на Судан.