Столтенберг: Поединечните членки сами одлучуваат дали ќе испратат ракети „Патриот“ во Украина

Од:

Одлуката дали да се испрати системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ во Украина ја носат поединечни земји, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, коментирајќи го полското барање испратено до Германија за снабдување на Украина со таков вид оружје.

Берлин и го понуди на Варшава системот „Патриот“ за да и помогне подобро да го одбрани својот воздушен простор откако залутан проектил уби две лица во Полска минатата недела, но полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак ја повика Германија да испрати такво оружје во Украина наместо во Полска.

Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт го одби таквото барање.

– Системот „Патриот“ е наменет за употреба на територијата на земјите-членки на НАТО и за секоја употреба надвор од таа област би била потребна претходна координација на Алијансата со членките, рече таа.

Сепак, генералниот секретар на НАТО денеска рече дека одлуката е на самите членки.

„Конкретни одлуки за конкретни системи се носат на национално ниво“, изјави Столтенберг.

Според него, „понекогаш има договори со крајните корисници, па затоа е неопходно да се консултира со другите сојузници“.

„Но, на крајот одлуката ја носат националните влади“, рече Столтенберг.

Системот Патриот го произведува американската компанија „Рејтеон“.

Одговарајќи на прашањето за ризикот НАТО да стане страна во конфликтот доколку го испрати „Патриот“ во Украина, Столтенберг рече дека сојузниците веќе испорачале напредно оружје во Киев без персонал.

„Кога беа потребни експерти за управување со такви системи, без разлика дали станува збор за воздушна одбрана или напредни артилериски системи, беше организирана обука за Украинците во земја членка на НАТО“, рече тој.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Арсоски: Ние сме сериозни кон обврските во НАТО

Русија: НАТО мора да го повлече ветувањето за Украина од 2008 година

Зеленски: Русија се подготвува за војна со НАТО следната година

Шефот на НАТО: ЕУ и САД треба да го поделат товарот на помошта за Украина

А1он

САД: Мала е можноста Украина да влезе во НАТО или да добие нуклеарно оружје

Горан Наумовски

Зеленски: Ако не можеме да влеземе во НАТО, тогаш дајте ни нуклеарно оружје