Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтерберг, денеска најави дека утре ќе биде одржана видеоконференција на министрите за одбрана на земјите членки на алијансата, на која ќе учествуваат и министрите за одбрана на Финска и на Шведска, како и високиот претставник на Европска Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
– Мораме да се осигураме здравствената криза да не стане безбедносна и да бидеме подобро подготвени за новите предизвици, посочи Столтенберг.
Тој додаде и дека на состанокот ќе се разговара и за спротиставување на дезинформациите.
– Видовме дека државни и недржавни актери се обидуваат да ја искористат пандемијата за ширење на штетни тврдења, обидувајќи се да нè разединат. Затоа е потребно да соработуваме за да ги идентификуваме, следиме и да ги разоткриеме таквите активности, посочи Столтенберг.
Тој оцени дека транспарентни медиуми се најдобра заштита од дезинформации и пропаганда.
Столтенберг се осврна и на помошта што алијансата ја испрати до земјите членки во справувањето со кризата со новиот коронавирус.
– Најмладата земја членка на НАТО, Северна Македонија, доби медицинска и финансиска помош од Чешка, Холандија, Унгарија, Норвешка, САД, Словенија и Турција. Благодарение на НАТО, земјите членки испратија респиратори, медицинска опрема, заштитна облека во Италија, Шпанија, Велика Британија, Бугарија, Литванија, Полска, Романија, посочи Столтенберг.
Генералниот секретар на Северноатлантската алијанса наведе дека цивилните власти на земјите членки имаат воена поддршка за планирање, полски болници, превоз на пациенти, репатрација на граѓани од странство, дезинфекција на јавните површини и на граничните премини.