Стармер најави план од четири точки за да и помогне на Украина

Од:

Британскиот премиер Кир Стармер објави план од четири точки за да и помогне на Украина да ја прекине војната со Русија, велејќи дека Велика Британија, Франција и другите земји ќе ги засилат своите напори во „коалицијата на подготвените“ да ја постигнат таа цел.

Стармер на прес-конференција по состанокот на лидерите на 18 земји, главно европски, во Лондон рече дека на тој самит било договорено првата точка за помош на Украина да биде да продолжи со воена помош за Украина и дополнително да го зголеми економскиот притисок врз Русија.

Тој рече дека втората точка од тој договор е дека секој траен мир мора да го обезбеди суверенитетот и безбедноста на Украина и дека Украина мора да биде присутна на сите мировни преговори.

Третата точка од договорот подразбира дека во случај на мировен договор, неопходно е да се зајакнат одбранбените капацитети на Украина за да се спречи каква било идна инвазија, а четвртата е формирање на „коалиција на подготвени“ да го бранат договорот за Украина и да гарантираат мир потоа.

Стармер, како помош за Украина, најави и дополнителни 1,6 милијарди фунти (1,92 милијарди евра) за финансирање на извозот на Обединетото Кралство на повеќе од 5.000 ракети за противвоздушна одбрана.

– Мораме да учиме од грешките од минатото, не можеме да прифатиме слаб договор што Русија лесно може да го раскине, но наместо тоа секој договор мора да биде поддржан со сила, рече Стармер.

Стармер истакна дека „Европа мора да ја заврши напорната работа“ и дека за договор за ставање крај на војната во Украина ќе биде потребна поддршката од Соединетите Држави и дека тој мора да ја вклучи Русија, но дека на Москва не може да и се дозволи да ги диктира условите.

„Да бидам јасен, се согласуваме со (американскиот претседател Доналд) Трамп за итната потреба од траен мир. Сега мораме да го постигнеме заедно“, рече Стармер.

На самитот, на кој беше најавено формирање „коалиција на волните“, присуствуваа претставници на Франција, Полска, Шведска, Турција, Норвешка, Чешка, Данска, Германија, Холандија, Романија, Финска, Италија, Шпанија и Канада.

На самитот присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека Украина чувствува „силна поддршка“ и дека самитот демонстрира „европско единство на исклучително високо ниво што не е видено долго време“.

Би можело да ве интересира

„Гардијан“: Мирот станува приоритет за Украинците, Зеленски пред сериозни тестови

Марија Захарова: Украинското претседателство долго време е рај за неонацистите

Трамп не му верува на Путин: Украина не ја нападна резиденцијата на Путин

Крвав напад врз Киев: Погодена е болница, има жртви

„Ди Велт“: Зеленски влегува во 2026 без конкретна мировна понуда

Медведчук: Украина под терористичкиот режим на Володимир Зеленски нема право да постои како држава