Американскиот синџир „Старбакс“ ги замоли гостите да не влегуваат со огнено оружје во кафетериите, но се воздржа од објавување забрана за да не остане без клиентите што се залагаат за јавно носење на оружје низ САД.
Многу сојузни држави низ САД дозволуваат на граѓаните слободно да се движат со своето огнено оружје, ако го поседуваат легално. Во овие држави, продавниците и трговските центри обично не објавуваат забрани на пристап за вооружени лица.
Но, по зачестените инциденти со огнено оружје низ Америка, „Старбакс“ се реши да „ги замоли“ гостите со огнено оружје да не влегуваат во кафетериите.
Првиот човек на компанијата, Хауард Шулц, изјави дека не сака неговите вработени да се соочат со вооружени муштерии, но додаде дека сите, па и тие што носат оружје, ќе бидат услужени.