Портпаролот за надворешни работи на ЕУ, Петер Стано, прецизираше денеска дека постоечките ЕУ санкции врз Русија не претставуваат пречка за Москва да се бори против пандемијата од Ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.
Минатата недела, високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел, се придружи на повикот на ОН за глобален прекин на огнот додека трае здравствената криза, и додаде дека режимите на санкции кои се во сила во светот не смеат да го попречат движењето на хуманитарната помош и способноста на државите да се борат против пандемијата.
Во овој контекст во ЕУ се отвори прашањето за санкциите врз Русија и дали тие треба да се ублажат за да не претстават проблем за властите во Москва.
Петер Стано порача дека проценката на ЕУ е дека овие санкции не се никаква пречка.
-Санкциите врз одредени лица и компании се поврзани за нелегалната анексија на Крим поради преземени дејства кои ги загрозуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, овие санкции не ја спречуваат Русија да се бори против епидемијата, изјави Стано.