Папата Франциско денеска се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој отвори амбасада на Палестина при Светата Столица, јави ТАСС.
Абас изјави дека ако идниот претседател на САД Доналд Трамп ја исполни својата намера да ја премести американската амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим, тоа ќе наштети на мировниот процес.
– Чекаме да видиме дали тоа ќе се случи. Ако се случи, тоа нема да помогне на мирот и ние се надеваме дека нема да се случ”, рече Абас, откако разговараше со папата Франциско за ситуацијата на Блискиот Исток.
После ауденцијата кај папата, Абас и формално ја отвори новата палестинска амбасада, која се наоѓа во истата зграда со амбасадите на Перу, Еквадор и Буркина Фасо.
Отворањето на амбасадата следува откако Ватикан и формално призна постоење на државата Палестина.