Планираните напади, кои беа спречени во четвртокот вечерта во Белгија биле подготвувани од двајца браќа, застрелани во операцијата на специјалните полициски сили во Вервие, јавуваат локални медиуми.
Подготовката на нападите била планирана, порачана и платена од жител на Брисел кој неодамна се вратил од Сирија, а кој престојувал во Грција.
Според извори од истрагата мажот имал 27 години и тој телефонски комуницирал со уапсените браќа. Грција, според истрагата засега одбила да соработува во случајот.
Американската телевизија Си-Ен-Ен, која се повикува на разузнавачки информации на европските и блискоисточните служби, јави дека во Европа има дваесетина латентни терористички групации, подготвени да ги нападнат Белгија, Холандија и Германија.
Белгискиот национален ескперт за тероризам, Клод Монике изрази соменавање во однос на оваа информација и предложи доколку Си-Ен-Ен има сознанија за такво нешто да ги објави адресите на тие групации, за да може да бидат спречени нивните активности.
Кабинетот на премиер Шарл Мишел соопшти дека од денеска 300 војници ќе бидат распоредени во Брисел, Антверпен и Вервие за да ги поддржат активностите на полицијата во заштитата на јавниот ред. Одлуката за ова беше донесена вчера, откако нивото на готовност при дејствување против терористички напади беше зголемено на претпоследниот степен.