Советот за безбедност на ОН синоќа ја отфрли палестинската резолуција со која се бара прекин на израелската окупација до крајот на 2017 година.
Резолуцијата не доби девет гласови „за“ што е минимум да биде усвоена во СБ од 15 членови.
„За“ гласаа осум држави, против беа две – САД и Австралија, и пет беа воздржани.
Резолуцијата ја поднесе Јордан, член на СБ, откако го поддржаа 22 арапски држави и Палестинската управа.
За резолуцијата гласаа Русија, Кина, Франција, Јордан, Чад, Луксембург, Аргентина и Чиле, а воздржани беа Велика Британија, Руанда, Нигерија, Литванија и Јужна Кореја.
Нигерија е државата која го одлучуваше резултатот во СБ бидејќи се предомисли и наместо да гласа „за“ како што се очекуваше – тие гласаа воздржано.
Со резолуцијата се бараше итна потреба да се постигне „праведно, трајно и сеопфатно мировно решение“ на судирите на двата народа во рок од 12 месеци и до 31 декември 2017 година да се заврши израелската окупација. Исто така се повикуваше и на независна палестинска држава во границите од пред војната во 1967 година кога Израел ги освои Западниот брег, Појасот Газа и источен Ерусалим.