Законодавниот совет на Хонг Конг денеска донесе одлука за одлагање на дебатата по Предлог-законот, што треба да овозможи екстрадиција на осомничени лица во Кина.
Доставувањето на предлог законскиот текст до Советот предизвика масовни протести во Хонг Конг, за време на кои вчера полицијата користеше солзавец и гумени куршуми за растерување на демонстрантите.
Организацијата Фронт за граѓански човекови права, која е неофицијален организатор на протестите, синоќа најави дека протесните собири ќе продолжат се до целосно повлекување на законскиот предлог од парламентарна процедура.
По одлуката за одлагање на дебатата, од пред зградата на Советот се повлекоа и последните преостанати демонстранти, кои продолжија со протестот и покрај поројниот дожд што утрово го зафати Хонг Конг.
Противниците на законот сметаат дека тој е одраз на зголеменото влијание на Пекинг врз Хонг Конг, како и дека со него може да се влијае на ограничување на политичките слободи.
Хонг Конг до 1997 година беше британска крунска колонија, по што Лондон и ја предаде управата над градот на Кина. Од тогаш, Хонг Конг стана кинески автономен регион, статус кој ќе го има до 2047 година.