Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа усвои препорака и резолуција за состојбата на градоначалници и советниците во Турција, а особено за притворањето на избраните градоначалници и нивната замена со лица назначени од страна на владата, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Ко-известувачите Андерс Кнапе (Шведска, ЕНП) и Лин Вербек (Холандија, СП) пред усвојувањето на препораката и резолуцијата претставија извештај изготвен по две истражни мисии што ги имаа во Турција во 2016 година.
Во усвоените документи, Конгресот го повикува Комитетот на министрите на Советот на Европа да побара од турските власти да ги поништат законските мерки, кои се однесуваат на „градоначалниците назначени од страна на централната власт“ и да им ги врати надлежностите на засегнатите општински совети.
Конгресот, исто така, потсетува дека апсењето на локалните избраници мора да биде во согласност со домашното право, изработено во согласност со стандардите на Советот на Европа, а особено со Европската конвенција за човековите права. Конгресот повикува на ревизија на турските закони за усогласување на дефиницијата на тероризмот според европските стандарди, вклучувајќи ја и судската пракса на Европскиот суд за човекови права.
Покрај тоа, Конгресот бара ревизија на министерските упатства од 11 ноември 2016 година со цел да го декриминализира назначувањето на ко-градоначалниците. Во овој поглед, претставниците на регионалните и локалните власти од целиот европски континент, одлучи да го вклучи следењето на состојбата на Нурхајат Алтун, членка на турската делегацијата на Конгресот, на дневниот ред на состаноците на Бирото се до крајот на судската постапката. „Ко-градоначалничка” на Тунчели, таа беше уапсена на 17 ноември 2016, и се држи во притвор во затворот од тип Ф во Кочаели.
Свесни за заканите со кои се соочува Турција, како што се зголемување на терористичките напади, Конгресот е подготвен да соработува со турските власти за зајакнување на локалната демократија и борбата против тероризмот и екстремизмот. Како дел од соработката со своите институционални партнери во Советот на Европа, тој предложи Комесарот за човекови права да посвети особено внимание на состојбата на локалните власти за време на неговата посета на Турција, а Венецијанската комисија да изготви мислење за уставноста на мерките што се преземени врз основа на Уредбата бр 674 за остварување на локалната демократија во Турција.