Сопругата на аргентинскиот фудбалер Лаутаро Мартинез, Агустина Гандолфо доживеала инцидент во кафуле во Катар каде со другарките ја прославувала победата над Хрватска во полуфиналето на Светското првенство.
Гандолфо на Инстаграм напиша дека нарачале пијалок во катарско кафуле и во него пронашле парчиња стакло. Потоа, тврди таа, отишле во болница за да се уверат дека никој не проголтал парче стакло и да проверат дали се e во ред. За среќа никој не е повреден.
По излегувањето од болница отишле во полиција и го пријавиле настанот.
„Каква штета, поднесовме жалба и имаме сведоци во кафулето во кое бевме“, напиша Гандолфо.
Малку подоцна се јавил сопственикот на кафулето, кој тврди дека Гандолфо и нејзиното друштво ја измислиле целата приказна.
Што точно се случило сè уште не е целосно јасно.