Вселенскиот брод „Сојуз ТМА-05М“, што на 15 јули беше лансиран од космодромот Бајконур, во Казахстан, се закачи за Меѓународната вселенска станица (МВС) во 8.51 часот по московско време, соопшти за руските локални медиуми Центарот за управување со летови од Москва.
Со бродот „Сојуз“ во МВС пристигнаа учесниците во новата продолжена меѓународна експедиција, кои во орбитата ќе останат повеќе од четири месеци. Станува збор за Јуриј Маленченко од Русија, Сунита Вилијамс од САД и Акихико Хошиде од Јапонија.
Со нив екипажот на МВС повторно нарасна на шест космонаути, забележуваат руските медиуми.