Чешкиот премиер Бохуслав Соботка изјави дека поради миграцијата нема да бидат испраќани пожарникари на границите на државата.
Со тоа му испрати порака на шефот на чешката држава Милош Земан, кој пред неколку дена говореше за евентуално распоредување на пожарникари за заштита на чешките граници во случај да има зголемен прилив на мигранти, јави дописникот на МИА од Прага.
Според Соботка, идејата на претседателот е импровизација, што е далеку од реалноста, и не може да ја реши миграциската криза.
– Доколку дојде до инцидент, тука е полицијата, особено онаа за странци, како и Армијата, рече Соботка денеска во емисија на Чешката телевизија ЧТ.
Решението за миграциската криза, за Соботка е во враќањето на бегалците, подобра заштита на Шенгенската граница и намалување на проблемите во земјите од каде доаѓаат мигрантите во Европа.
Тој повтори дека Чешка не е е цел на мигрантите и транзитот низ неа е минимален.