Еден милион Чеси се очекуваат на денешните антивладини протести, со што ќе биде одбележана 30-годишнината од Кадифената револуција.
Со таканаречената „Кадифена револуција“ во Чехословачка на мирен начин беше симнат од власт комунистичкиот режим и беше отворен патот кон демократски и економски реформи во земјата која беше еден од сателитите на тогашниот Советски сојуз. Смената ја поттикнаа студентите. Со протестите на 17 ноември 1989 во главниот град Прага тие го привлекоа вниманието на светската јавност. На тој датум чехословачката полиција брутално го растури студентскиот протест, организиран од комунистичката младина за одбележување на 50-годишнината од студентските демонстрации против нацистичката окупација на земјата.
Но, со оглед на бурните промени што ги предизвика паѓањето на Берлинскиот ѕид една недела пред тоа, комеморативниот марш на студентите во Прага се претвори во политички демонстрации против комунистичкиот режим. Билансот од крвавите судири беше 600 повредени. Но, наместо да се повлечет, студентите за утредента свикаа штрајк на неограничено време.
На студентските протести им се приклучија сè поголем број граѓани, меѓу кои и писателот Вацлав Хавел. Тој претходно одлежа пет години затворска казна поради учество во опозициското движење „Повелба 77“. На 24 ноември во Прага дојде до нови масовни демонстрации, на кои масата го извикуваше името на Хавел. Предводени од драмотург во Прага беше основана партијата Граѓански форум, прва опозициска партија во земјата.
Во словачкиот дел на државата опозицијата воспостави Општество против насилство (ВПН), а челникот на таа организација Петер Зајец на 21 ноември се сретна со Хавел, што беше прв собир на двете опозициски партии во цехословачката федерација.
Од затвор беше ослободена првата група политички затвореници, а Граѓанскиот форум почна преговори со Комунистичката партија. Тие не успеаја да постигнат консензус, па стотици илјадници луѓе продолжија да одржуваат собири ширум Чехословачка.
Генерален штрајк се одржа на 27 ноември, а комунистите следниот ден ја предадоа власта. На 5 декември беше отстранет бодликавиот тел од границата со Австрија, а на 10 декември беше создадена преодна влада на национално единство.
Претседател на новиот парламент стана Александер Дубчек, комунистичкиот водач на Прашката пролет, која во 1968 беше задушена со тенкови од Варшавскиот пакт. Тој пак го назначи поранешниот државен непријател Вацлав Хавел за нов претседател на земјата. Хавел се погрижи во јуни 1990 година да се одржат првите слободни и демократски избори во Чехословачка.
Кадифената револуција беше една во серијата меки револуции во поранешните сателите на СССР, кои го отфрлија комунизмот и го презедоа демократскиот модел. Полска го отвори патот кон демократсија со распишувањето слободни избори во јуни, 1989 година, а во јули истото го направи и Унгарија. Следуваше Источна Германија, поттикната од бранот протести и егзодусот на источните Германци кои масовно ја напуштаа земјата. Комунистичкиот режим во Бугарија почна да крахира по собирот, кој беше брутално задушен на 26 октомври. Демократската револуција во Романија не беше толку „мека“ и поприми насилни размери со над 1.100 убиени во бунтот кој заврши со апсење на диктаторот Николае Чаушеску во декември 1989 година, по што по кратка постапка беше осуден и стрелан.
Во меѓувреме Чехословачка започна опсежни реформи. Но несогласувањето меѓу двете водечки партии во чехословачка ги поттикна полтичарите да почнат да зборуваат за раздружување, што и се случи на 1 јануари 1993 година, по што произлегоа двете држави – Чешка и Словачка.
Чешка во 1999 година стана членка на НАТО, а во 2004 на ЕУ. Словачка пристапи кон НАТО и ЕУ во 2004 година.
Триесет години подоцна, Чесите повторно на масовни протести. Поранешниот комунист, чешкиот премиер Андреј Бабиш во списите на тајната полиција од 80-те години се посочува како агент, но милијардерот негира.
Неговата малцинска коалициска Влада може да преживее во парламентот само благодарение на неформалната поддршка на Комунистичката партија, која има 15 од 200 места во Долниот дом.
Бабиш, исто така, се соочува со голем број обвинувања за корупција и судир на интереси во врска со неговиот конгломерат на компании собрани под матичното друштво „Агрофорт“. Меѓу компаниите се и некои од влијателните чешки медиуми.
Огромна маса луѓе го пополни центарот на Прага во јуни, барајќи оставка од Бабиш поради овие обвиненија. Локалните медиуми објавија дека околу 250.000 луѓе се собрале на протестот, најголем по Кадифената револуција.
Организаторите на тој протест, движењето „Милион моменти за демократија“, за денеска закажаа протест, на кој, велат, ќе се надмине број на учесници од јунскиот собир.
– Ќе му дадеме ултиматум на Андреј Бабиш: или ќе го реши неговиот судир на интереси … или ќе даде оставка како премиер, рече организаторот Микулаш Минар.