Едвард Сноуден, кој денеска преку телеконференциска врска говореше на Форумот за демократија во Атина, покрена дилема за границата меѓу безбедноста и заштитата на приватноста.
Поранешниот техничар и администратор на системите на ЦИА и НСА, потврди дека побарал да биде помилуван од претседателот на САД, Обама, пред да ја напушти функцијата, бидејќи според него, и поддржувачите на #pardonsnowden кампањата, информациите за кои е обвинет дека ги објави, не предизвикаа непоправлива штета на тајните служби, а граѓаните имаа корист.
Сноуден тврди дека протекувањето на разузнавачките информации придонесуваат или придонеле за создавање на подобри механизми за заштита и развој на технологии за безбедноста на интернет и на електронските апарати, што исто така ќе го спречи укинувањето на приватноста.
Осврнувајќи се на приватноста, тој рече дека таа се преведува во неколку работи, како што е на пример да се има отворен ум. Според него, приватноста е поважна од слободата на говорот, затоа што второт бара заштитна мрежа.
– Основната идеја на патриотизмот не е да се каже „да“ и да се согласуваш со се. Несогласувањето е она што најмногу ни треба. Потребна е критичка анализа, како и да се преразгледаат прашањата поврзани со демократијата, изјави Сноуден, упатувајќи на Фондацијата Слобода на печатот која бара нови алатки за новинарите со цел да се обезбеди слобода на печатот.
Сноуден, кој е во егзил во Москва, на атинскиот форум рече и дека планира да гласа на претседателските избори во САД, но не откри за кого.
– Јас ќе се гласам. Но, како застапник на приватноста сметам дека е важно еден поединец никогаш да нема обврска да дискутира за својот глас. И јас нема да го правам тоа со мојот глас, рече тој.