Едвард Сноуден, кој од неделата се наоѓа во транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево може да остане колку сака, соопшти синоќа руската безбедносна служба.
На негово име досега не е резервиран билет, а тој не ја поминал граничната контрола односно не ја поминал руската граница.
Претставник на руската безбедносна служба наведе дека Сноуден не побарал ниту транзитна виза.
Руските граничари во транзитната зона не ги проверуваат документите.
Вашингтон се надева дека Москва ќе го испорача Сноуден, но тоа е невозможно бидејќи тој не се наоѓа на руска територија. Исто така, меѓу Русија и САД не постои билатерален договро за екстрадиција на обвинети или осомничени лица.
Поранешниот ИТ техничар во ЦИА и во неколку приватни фирми кои имаа договори со Националната агенција за безбедност (НСА) во САД веќе е обвинет за шпионажа. Снуден на 20 мај побегна во Хонг Конг откако самиот го откри својот идентитет, како човекот што ја откри „супер тајната“ на НСА.
Неколку денови подоцна замина за Русија, но остана во транзитната зона на московскиот аеродром. Преку неговите адвокати тој откри дека ќе побара азил во Еквадор, но властите во Кито тврдат дека досега не добиле такво барање. Претставник на еквадорската Влада објасни дека за да добие азил, Сноуден мора да биде или во Еквадор или во некое негово дипломатско претставништво.