Во 20 земји денеска започува продажбата на мемоарите на Едвард Сноуден, поранешен вработен во Агенцијата за национална безбедност (НСА) на САД и еден од најпознатите информатори и свиркачи.
Во интервјуто за францускиот медиум „Франс Интер“, Сноуден изјави дека заштитата на свиркачите не е „непријателски акт“. Затоа, смета тој, постои можност да се пресели во Франција, каде може да биде под заштита на законот.
Сноуден од 2013 година е во Русија, единствена земја која му даде законски азил откако тој протече критични информации за програмата за тајно следење креирана од американските тајни служби. Тој побара азил и од поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, и од неколку други земји, но единствена реална можност да се скрие од прогонот на Вашингтон е прибежиштето во Русија.
Министерот за правда на Франција, Никол Белубе, изјави дека го поддржува барањето на Сноуден за азил во Франција. Сепак, таа истакна дека изразува своја лична позиција, и дека нејзиното мислење не е официјален одговор на молбата на Сноуден.
За многумина, Сноуден е херој, но во својата родна земја, САД, власта се уште бара негово враќање дома, доброволно или со лисици, за да биде суден за шпионажа.
Засега, останува да биде свиркач со прибежиште во Русија, оженет за Американка, кој тежнее за живот во Франција.