Смртноста на децата и на жените при породување се значително зголемени во Венецуела, поради долгата криза во земјата, недостигот од лекови и медицински потреби и малите плати на луѓето, јавуваат локалните медиуми.
Според објавените податоци на Министерството за здравство, први после пауза од две години, смртноста кај децата е зголемена за 30 отсто, а кај женте при породувањето дури за 65 отсто, што е далеку најмногу во Латинска Америка, јави Би-Би-Си.
Официјалните податоци откриваат и зголемен раст на заразните болести, како маларијата и дифтеријата.
Опозицијата ја обвинува владата на претседателот Николас Мадуро за незнаење да се справи со економијата и со управувањето со кризата, но и за водење на популистичка политика за придобување гласовите на сиромашните слоеви во државата и за спроведување на социјалистичка еконмија, по углед на кубанската.
Мадуро, пак, тврди дека причините за кризата се во настојувањето на домашната опозиција да го тргне од власт, со како што вели „пуч помогнат од странство“, па дека актуелната здравствена криза „намерно се создава“ за да се има изговор за неговото сменување.
Венецуела е земја богата со нафта, чии резереви се втори во светот по оние на Ирак, но државата нема пари ниту за набавка на основните прехранбени производи, за храна , лекови и вакцини.
Венецуелците од граничните реони се префрлаат во Бразил за лекување во градовите блиску до границата, предизвикувајќи проблеми за тамошните локални власти.