Густите облаци чад што во последниве две недели, со ретки прекини, ги покриваат Сингапур и голем дел од Малезија, повторно го попречија нормалниот живот на овие држави. Доведено е во прашање и одржувањето на две врвни спортски манифестации – светскиот куп во пливачки спортови и традиционалниот тениски турнир на најдобрите тенисери од свеот.
Облаците чад доаѓаат од Индонезија, каде што на островите Суматра и Калимантан од август наваму беснеат над 1.000 пожари кои пожарникарите, потпомогнати од локалното население и десетина илјади војници успеваат само да ги локализираат. Во овој дел на Индонезија, поради лошиот воздух, загрозено е здравјето на над 35 милиони жители. Веќе две недели во источниот дел на Индонезија се затворени училиштата и градинките, а авионскиот превоз најчесто е во прекин.
На тенискиот турнир во Сингапур, кој може да биде и одложен за неколку дена, елитата ќе ја предводи светскиот рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ. Популарниот тенисер денеска беше во Тајланд, каде што имаше и протоколарна средба со премиерот, генерал Прајут Кан-ока. Пред средбата со тајландскиот премиер Ѓоковиќ и Надал,облечени во традиционална сијамска облека, денеска го посетија храмот Ераван, каде што на 17 август од подметната бомба загинаа 20, а беа ранети над 100 лица.