Властите во Словачка соопштија дека германската канцеларка Ангела Меркел не се обратила кон нив околу прашањето за договор за враќање на мигранти.
– Канцеларката Меркел логично се осврна кон земјите од каде што пристигнуваат мигрантите во германија и тоа е се. Бидејќи тие мигранти не доаѓаат од Словачка во Германија, тогаш нормално дека Меркел не може да ни се обрати нам. Станува збор за апсолутна бесмислица, изјави државниот секретар за европски прашања во словачката Влада, Иван Корцок.
Чешка, Унгарија и Полска веќе ги отфрлија тврдењата дека склучиле таков договор со Германија.
Официјален Берлин вчера соопшти дека обезбедил договори за враќање на мигранти со 14 земји. Освен Чешка, Унгарија и Полска, останатите земји кои се наведени дека се согласиле за враќање на мигранти се Белгија, Данска, Естонија, Финска, Франција, Литванија, Летонија, Луксембург, Холандија, Португалија и Шведска.