Слабо напредува евакуацијата на украинските градови

Од:

Русија денеска објави нов прекин на огнот во Украина со цел да овозможи цивилите да ги напуштат опколените градови, но евакуацијата слабо напредува.

Гувернерот на источниот украински град Суми, изјави дека цивилни автомобили го напуштаат градот втор ден по ред преку коридорот кон Полтава на запад.

Сепак до денеска на пладне не e потврдено дека ниту еден друг коридор за евакуација не е успешно отворен, вклучително и излезот од Мариупол, јужниот пристаништен град што повеќе од една недела е опколен од руските сили.

Градоначалникот на Енерходар, каде е лоцирана најголемата нуклеарна централа во Европа, што минатата недела ја заземаа руските сили, изјави дека ќе биде дозволен влез на хуманитарна помош и дека на враќање автобусите ќе носат цивили.

Киев објави дека 30 автобуси и осум камиони со резерви вчера не успеале да стигнат до градот, бидејќи биле гранатирани од руските сили, кои го прекршиле прекинот на огнот. Москва, од друга страна, обвинува дека Киев не го почитувал прекинот на огнот.

Над два милиони луѓе ја имаат напуштено Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари. Москва, тврди дека станува збор за „специјална воена операција“ со цел разоружување на Украина и смена на власта, што ја оценува како „неонацистичка“.

Русија пред неколку дена ја обвини Украина и дека работи на завој на биолошко и нуклеарно оружје.

Од почетокот на нападот Русија освои значителни територии од јужниот дел на Украина, но се уште нема заземено ниту еден поголем град во северниот и јужниот дел на Украина.

Според советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Вадим Денисенко, на Русија очајно и треба победа во градовите како што се Мариупол и Киев пред да договори мир. „Наша задача според тоа е да ги издржиме следните седум до десет дена“, изјави Денисенко.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Украина: Четири деца се повредени во руски воздушен напад врз Харков

Украина ќе може да повикува затвореници во војска

Горан Наумовски

Петер Сијарто: Унгарија нема да учествува во иницијативата на НАТО за помош на Украина

ЕУ постигна договор за користење на замрзнатите руски средства за воена помош за Украина

Загина познатиот украински кревач на тегови Александар Пелешенко

Руски наредник уби командант и пет војници