Состојбата со поплавите во Чешка, во регионот централна Бохемија се подобрува. Интензитетот на дождовите се намалува, а водостоите на реките не се зголемуваат, јави дописникот на МИА од Прага.
Опасност од надоаѓање на големите води се уште постои во северниот и северозападниот дел на Чешка, особено во местата Мелник и Усти над Лаба каде нивото на реката Елба е на критично ниво.
Околу 1.500 жители во овој регион веќе се евакуирани. Чешкиот премиер Петр Нечас и министерот за земјоделство Петр Бендл со хеликоптер го посетија селото Залезлице, кое е отсечено од околината поради попуштање на браната.
Според властите, ситуацијата во Прага е под контрола, нивото на реката Влтава опаѓа, но потребни се уште неколку денови за потполно нормализирање на состојбата.
Од денеска веќе е најавено отворање на неколку подземни метро станици во центарот на метрополата, а целосно нормализирање на сообраќајот се очекува во петок.
Поради поплавите од поројните дождови, во изминатите три дена во земјата од своите домови се евакуирани над 9.000 луѓе, седум лица загинаа, а четири се сметаат за исчезнати.
Во областите каде водата се повлекува, се расчистуваат последиците, а санитарната инспекција предупредува пред ширење на инфекции.
Илјадници домаќинства во Централниот, Устецкиот, Храдецкраловскиот регион и делови од Прага и натаму остануваат без струја и гас кои се исклучени од безбедносни причини.
Се проценува дека се причинети штети од неколкумилиони евра. Поплавите ги погодија и соседните земји, Германија, Австрија, Словачка и Унгарија.
Во регионот Пасау, во германската сојузна држава Баварија, реката Дунав кулминирала на 12,89 метри.
Вонредна состојба е прогласена во градот Регенсбург во југоисточна Германија. Германската покраина Саксонија се подготвува да ги дочека големите води од Чешка.
Во Виена, каде неколку пристанишни објекти веќе се поплавени, за пружање на помош се подготвени 18.900 пожарникари и околу илјада војници.
Во словачкиот главен град Братислава, нивото на реката Дунав е подигнато на девет метри, а вонредна состојба поради опасност од поплави прогласи и Унгарија.
Европската комисија најави подготвеност за помош на земјите погодени од поплавите преку Центарот за итни случаи за енергетика (ЕРЦ).
ЕУ во понеделникот соопшти дека Чешка, Австрија и Германија треба да добијат помош од Фондот за солидарност.