Сирискиот претседател Башар ал Асад изјави дека владата во Дамаск е информирана од коалицијата,предводена од САД,за борбата што се води со џихадистите од Исламска држава (ИД).
Во интервју за Би-би-си, Асад признава дека не постои и директна соработка, откако во септември минатата година, почнаа воздушните напади врз позициите на ИД, на сириска територија.
– Сепак трети земји, меѓу нив и Ирак, ни ги пренесуваат информациите„-вели сирискиот претседател.
Многу земји, членки на анти-ИД коалицијата, одбиваат соработка со владата во Дамаск, затоа што отворено учествуваат во настојувањето на сириската вооружена опозиција да го тргне од власт Асад.
Брзиот подем на џихадистите, кои претходно беа дел од опозициските сили во Сирија, ја натераа коалицијата која војува притив нив, на соработка со Асад, особено што ИД има под своја контрола значителен дел од сириската територија.
Претседателот Асад, во интервјуто за Би-би-си, ја отфрла можноста Сирија и формално да биде дел од меѓународната коалиција.
– Не можеме, а и не сакаме да бидеме дел од коалицијата, затоа што не сакаме да бидеме заедно со земјите кои го поддржуваат тероризмот, рече Асад.
Тој не дава детали на кого се однесува оваа забелешка, но е познато дека во Дамаск, како тероризам, се означува не само дејствувањето на џихадистите од ИД, туку и делувањето на вооружената бунтовничка сириска опозиција, која ја има подршката од САД и од Западот.
Сирискиот претседател, сепак, вели дека Сирија не е против соработката и заедничкото дејствување против ИД со другите земји,иако ја отфрла можноста таква соработка да постои со САД.
Според него, соработка со Американците не може да има, затоа што Вашингтон сака да разговара само со оние кои се однесуваат како „кукли на жица“ мислејќи притоа на сириските опозиционери кои дејствуваат во странство.
Во едни вакви услови, соработката во борбата против ИД се сведува само на примање пораки од коалицијата со „општа содржина“ без било какви тактички детали.
– Меѓу нас и нив нема дијалог. Ние не разговараме, туку само не информираат, изјави Башар ал Асад во интервјуто за Би-би-си.