Двајца млади сингапурци, на возраст од 22 и 23 години ќе бидат првите жртви на најновиот закон во таа држава, според кој и за поседување на синтетичка марихуана следува казна од 5 години затвор и најмалку 5 удари со стап на јавно место.
Островот држава е познат по тоа што за поседување и трговија со наркотици се изрекуваат долгогодишни затворски казни, а не ретко фатените со поголемо количество се осудуваат на смрт.
Според сингапурските закони, еднакви и за локалните жители и за странците, ако полицијата фати некого со 15 грама хероин, или повеќе, 30 грама кокаин, 200 грама хашиш, или повеќе, државата нема обврска да докажува дека тој е дилер и судиите речиси по автоматизам изрекуваат високи казни.
Поради неколку Австралијанци и Британци, уапсени за поседување на поголема количина дрога, на кои им следуваше смртна казна, сингапурската влада во 2012 година донесе указ според кој судиите имаат слобода смртната казна да ја заменат со доживотен затвор.
Оправдувајќи ја политиката на драконски казни за употреба и продажба на наркотици, сингапурските медиуми денеска известија дека, според последните официјални статистики, во Велика Британија, на пример, 8,2 посто од жителите уживаат марихуана, а процентот во Сингапур е 0,005 посто. Уште подобар процент Сингапур има кога се споредуваат бројките на уживатели на други наркотици на 10.000 жители.