Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска пристигна во Казахстан, што е негово прво патување надвор од Кина по повеќе од две и пол години.
По разговорите со казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев во главниот град Нур-Султан, тој ќе замине за Узбекистан каде утре и задутре ќе учествува на Самитот на Шангајската организација за соработка (СЦО).
На маргините на состанокот во Самарканд е планирана средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Руските власти најавуваат дека на средбата во Самарканд детално ќе се разговара и за конфликтот во Украина. Тоа ќе биде прва средба на двајцата лидери од почетокот на рускиот напад врз Украина.
Кина делумно застана на страната на Путин во конфликтот во Украина, за кој смета дека е предизвикан од САД и НАТО. За време на минатоделената посета на Москва претседателот на кинеското Собрание Ли Жаншу ја изрази поддршката на Кина за Русија.
„Гледаме дека сојузниците на САД и НАТО го прошируваат своето присуство во близина на границите на Русија, сериозно загрозувајќи ја националната безбедност и животите на руските граѓани“, рече Ли, според соопштението на руската Дума.
„По прашањето за Украина, гледаме како ја ставија Русија во невозможна ситуација. И во овој случај, Русија направи важен избор и цврсто одговори“, додал Ли.
Кинеските медиуми, пак, во извештајот за посетата на Ли воопшто не ја споменуваат Украина.
На Самитот во Самарканд пристигнуваат и турскиот претседател Таип Ердоган, иранскиот претседател Ебрахим Раиси и индискиот премиер Нарендра Моди.
Моди и Си ќе бидат заедно на исто место за првпат по воените судири меѓу армиите на двете земји на границата на Хималаите пред две години.
На годинашниот состанок на СЦО се очекува да биде финализирано членството на Иран во евроазискиот политички, трговски и безбедносен блок. Покрај Кина, Русија и Индија нејзини членки се уште Казахстан, Киргистан, Пакистан, Таџикистан и Узбекистан.
Иран моментално има статус на набљудувач, како и Белорусија и Монголија. Ерменија, Азербејџан, Камбоџа, Непал, Шри Ланка и Турција се класифицирани како земји-партнери.