Шведска, која за време на пандемијата во најголем дел го избегнуваше тврдото „заклучување“, ќе го одложи импровизираниот план за ублажување на некои ограничувања поради сегашното високо ниво на новозаразени, соопшти денеска Владата во Стокхолм.
Шведска е во третиот бран од епидемијата на коронавирусот, а бројот на пациенти кои се лекуваат во одделите за интензивна нега е на највисоко ниво од пролетта минатата година.
– Откако ќе се намали притисокот врз здравствениот систем и ќе падне нивото на новозаразени, тогаш Владата ќе биде подготвена да почне со укинување на ограничувањата, изјави шведскиот премиер Стефан Левен на прес-конференција, додавајќи дека сè уште не е стигнати до таму.
Во споредба со повеќето земји, Шведска остана релативно отворена за време на пандемијата, но постојат ограничувања за јавни собири и работното време на рестораните, а некои објекти како што се отворени базени и спортски стадиони се затворени.
Шведската Влада вчера предупреди дека ќе воведе нови, построги ограничувања доколку луѓето одлучат да ги игнорираат постојните ограничувања во борбата против коронавирусот и се зголеми притисокот врз здравствениот систем.
Скандинавската земја, која се потпира на доброволно почитување на рестриктивните мерки од страна на граѓаните, регистрира голем број нови пациенти во одделите за интензивна нега од почетокот на епидемијата.
Во некои региони, одделите за интензивна нега се полни, а процентот на достапни кревети за најсериозно болни во целата земја е под 20 проценти.
– Стапката на инфекции не паѓа сама од семе, предупреди министерката за здравство и социјални работи Лена Халенгрен.
Таа ја истакна потребата од усогласување со постојните правила и препораки, но не исклучи построги мерки доколку ситуацијата се влоши. Министерката не рече какви чекори може да се преземат и што може да предизвика воведување построги ограничувања.
Податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести покажуваат дека Шведска е меѓу земјите со најголем број нови случаи по глава на жител во ЕУ во последните 14 дена, но меѓу земјите со најмала смртност.