Сцените на хаосот на аеродромот во Кабул откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан се „срам за Западот“, изјави денеска германскиот претседател Франк -Валтер Штајнмаер.
-Сцените на очај на аеродромот во Кабул се срам за политичкиот Запад, рече шефот на германската држава, осврнувајќи се на „човечката трагедија“ низ која Авганистанците поминаа очајно обидувајќи се да ја напуштат земјата, за што, како што рече, одговорен е Западот.
По молскавична офанзива, во време кога Американците се повлекуваа од Авганистан, талибанците ја презедоа контролата врз земјата и настанаа сцени на хаос и паника на аеродромот во Кабул, единственото место за напуштање на земјата.
Штајнмаер кажа дека тоа е политички прекин што го потресе светот и што ќе го промени. Американците планираа своето повлекување од Авганистан да го завршат до крајот на месецот.
Штајнмаер додаде дека Германија, која, како и другите западни земји, се обидува да организира операција за евакуација во оваа конфузна ситуација, треба да „стори сé што е во нејзина моќ“ за безбедно да ги префрли своите граѓани, како и сите Авганистанци кои ги поддржувале во текот на годините.
Германски воен авион што синоќа успеа да слета во Кабул на крајот можеше да пренесе само седум лица со себе, додека стотици други чекаат да бидат префрлени во Германија.
Во последните денови германските власти не го кријат своето незадоволство од САД, кои одлучија да се повлечат од Авганистан, што го забрза враќањето на талибанците на власт.
Министерот за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер го повика НАТО, чии претставници денеска итно се состануваат, да извлече поуки од неговиот неуспех во Авганистан.