Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер денеска изјави дека само „суштински“ разговори меѓу Москва и Киев ќе помогнат за решавање на кризата во Украина.
Според Штајнмаер решението се уште е далеку, но надеж даваат неколку работи, како што се неодамнешните претседателски избори во Украина, одржани на 25 мај или првата средба меѓу рускиот и украинскиот претседател.
– Вистински напредок може да биде постигнат само ако дојде до директни, суштински разговори меѓу Москва и Киев, изјави Штајнмаер во интервју за германскиот весник „Тагешпигел“.
Германскиот министер во вторник во Санкт Петербург заедно со полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски треба да се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Средбата е договорена во јануари на маргините на безбедносната конференција во Минхен пред избувнувањето на кризата во Украина, но ситуацијата во земјата ќе биде главна тема на разговор, најави портпаролот на германското министерство за надворешни работи.