Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека сака да остане пратеник во Бундестагот и по формирањето на новата влада во земјата.
Шолц рече дека гласачите одлучиле што ќе прават по завршувањето на мандатот на канцеларот, бидејќи, како што рече, го реизбрале за свој директен претставник, пренесе Цајт.
Најголема поддршка за претставник во Бундестагот доби во изборната единица Потсдам, каде што освои 21,8 отсто од гласовите, додека кандидатот на Христијанско-демократската унија Табеа Гутшмит е на второ место со 20,6 отсто од гласовите.
„Ова е нешто посебно, дури и за мене. Секогаш сум трогнат и горд што бев избран на највисоката директно избрана функција во Германија, поточно како пратеник во Бундестагот“, изјави Шолц.